Австралија воведе блокада во уште еден град поради ширењето на делта сојот

12

Квинсленд воведе тридневен карантин во својот главен град Бризбејн, а Перт, главниот град на Западна Австралија, денеска го почна четиридневниот карантин, откако бројот на заразени со индискиот сој на коронавирусот порасна на 150. Тој досега е регистриран во пет од осумте сојузни држави во Австралија и под рестрикции сега се околу 20 милиони луѓе, односно 80% од населението, најмногу од почетокот на пандемијата.

„Ризикот е реален и мора да дејствуваме брзо и цврсто“, изјави премиерката на Квинсленд, Анастасија Палашчук.

Сиднеј е во двонеделен карантин до 9 јули, а во Дарвин, главниот град на Северна Територија, е продолжен за дополнителни 72 часа. Построги рестрикции, како задолжително носење маска и ограничување на собири, се воведени и на други места.

Австралија досега важеше за еден од најуспешните примери во борбата против коронавирусот, но епидемиолозите се согласуваат дека делта варијантата се покажува позаразна и попренослива од сите други. Таа го открива и неуспехот на австралиската програма за имунизација. Досега, само 5% од возрасните се целосно вакцинирани, а една доза имаат примено 29%. Поради тоа, премиерот Скот Морисон нареди задолжителна вакцинација на вработените во старечките домови и во карантините и ги прошири препораките за вакцината на „АстраЗенека“, што сега можат да ја примат сите лица под 40 години, откако возрасната граница досега беше на 60 години.