Австралија размислува за задолжителна и бесплатна вакцинација на целото население

8

Австралија објави дека обезбедила резерви на потенцијалната вакцина против коронавирусот и дека ќе може да понуди бесплатни вакцини за целото свое население од 25 милиони жители.

Станува збор за вакцината што заеднички ја развиваат фармацевтската компанија „Астразенека“ и Универзитетот Оксфорд.

„Доколку клиничките испитувања се успешни, договорот со ‘Астразенека’ ќе обезбеди брз пристап до секој Австралиец“, рече премиерот Скот Морисон, додавајќи дека вакцинацијата веројатно ќе биде задолжителна.

Вакцината на Оксфорд /„Астразенека“ е една од петте потенцијални вакцини кои влегоа во напредна фаза на клинички испитувања, а земјите ширум светот сакаат да обезбедат снабдување за нивното население.

„Доколку оваа вакцина се покаже како успешна, веднаш ќе произведеме и доставиме бесплатни дози за 25 милиони Австралијци“, рече Морисон.

Австралија, исто така, потпиша договор од 18 милиони долари со американската фармацевтска компанија „Бектон Дикинсон“ и обезбеди испорака на 100 милиони игли и шприцови.

Морисон навести дека вакцинацијата против коронавирус би можела да биде задолжителна, иако сè уште нема официјална потврда за таа одлука.

„Вакцинацијата ќе биде задолжителна колку што е можно. Секако, секогаш постојат исклучоци од медицински причини, но тоа би требало да биде единствената основа“, рече премиерот во радио-изјава.