Австриски ОМВ: Рускиот гас и понатаму ќе го плаќаме во евра

6

Австриската групација за нафта и гас ОМВ ќе продолжи да го плаќа рускиот гас во евра, а не во рубљи, изјави извршниот директор Алфред Стајн.

„Ова е основата на нашиот договор, не требаше да постапувам поинаку“, изјави шефот на австриската компанија во интервју за телевизијата Пулс24.

„Ја видов и таа најава“, рече Стајн, алудирајќи на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека државите „непријатели“ во иднина ќе плаќаат руски гас во рубљи.

„Никој се уште не ни се јавил, има и валидни договори во кои такво нешто не е вклучено“, изјави првиот човек на австриската компанија и додаде дека имаат намера да чекаат евентуално известување.

Путин најави дека гасот ќе се плаќа во рубљи
Рускиот претседател Владимир Путин вчера попладне најави промени во наплатата на гасот, на состанокот на тесниот владин кабинет.

„Русија, се разбира, ќе продолжи да испорачува природен гас во договорениот обем и по договорените цени, договорени за склучените договори“, рече рускиот претседател на состанокот на тесниот владин кабинет, кој беше пренесен од ТВ станици.

„Ќе се промени само валутата на плаќање, во руски рубљи“, додаде Путин.

Составен список на „непријателски земји“
Русија состави список на земји „непријатели“, што се совпаѓа со земјите кои и воведоа санкции поради инвазијата на Украина.

На листата се наоѓаат САД, членките на ЕУ, Велика Британија, Јапонија, Канада, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореја, Швајцарија и Украина.