Адеми: Жалам за инцидентот, треба заедно да ги надминеме недоразбирањата

0

„Жалам за тоа што се случи синоќа на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието и жалам заради сите тие сцени што се видоа испровоцирани од опозицијата. Како и да е, собраниската реформска агенда на оваа влада мора да продолжи, поради провокации да не стане нечив плен чиј фокусот е реализација на странски агенди за дестабилизација на државата, како и дефокусирање на граѓаните и целата јавност од интеграциските процеси”, изјави Арбер Адеми од ДУИ кој вчера видно лут фрлаше предмети кон опозициски пратеници.

Адеми, во изјава пред Собранието на Македонија што ја објави Клан ТВ рече дека повеќе од два часа пратеници од опозицијата се обидувале да ја блокираат работата на комисијата со барања за процедурален збор и кога била исцрпена листата на пратеници се направил обид да не се усвои дневниот ред. Тој оценува дека причината е законската измена на дневниот ред од сферата на правосудството која ги налутила опозициските пратеници.

„Законот за кој станува збор е со цел да се избегне блокада на судството, обвинителството и на владеењето на правото, а тоа беше попречувано. Но без оглед на тоа, ваквите сцени се грди и не се во интерес ниту на нас, ниту на граѓаните. Без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта, повторување на такви сцени не треба да се случат, треба заедно да ги надминеме проблемите и овие провокации, како и недоразбирањата за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието”, изјави Адеми.

Тој рече и дека всушност се наоѓал пред пратениците кои групно дошле кон него, пратеникот Милошоски провоцирал, а влечејќи му го микрофонот, му предизвикал и повреда на раката.