Ал Пачино првпат во кариерата ќе глуми во серија

10

Првпат во својата петдецениска кариера познатиот американски актер Ал Пачино ќе глуми во серија што ќе се емитува на „Амазон прајм видео“.

Дејството на серијата „Ловци“ („Hunters“) се случува во Њујорк во текот на 1977 година. Приказната го следи Мејер Оферман (Ал Пачино), лидер на група ловци на нацисти што го преживеале холокаустот. Тој открива дека во САД во тајност живеат стотици високи нацистички функционери кои планираат да го основаат четвртиот рајх. Задача на ловците е да ги извлечат од нивните засолништа и да ги изведат пред лицето на правдата.

Серијата е инспирирана од вистинска приказна и е посветена на покојната баба на креаторот на серијата Дејвид Вејл, која го преживеала холокаустот.

– Никогаш досега не сум снимил серија од 10 епизоди. Тоа е како да снимаш 12-часовен филм – изјави Пачино за „Ројтерс“.

– Патем, станува збор за луда приказна, луд хорор, навистина застрашувачка. Истовремено тешка и полна со длабоки емоции – изјави Пачино.

Режисерот на серијата, Дејвид Вејл, сака да ја раскаже приказната на неговата баба, нејзините искуства од војната што таа му ги раскажувала кога бил дете.

– Ова е еден вид љубовно писмо до баба ми. Сакав да ја пренесам нејзината приказна на следната генерација и да ги научам луѓето за холокаустот, со што би спречиле повторно да се случи вакво нешто – вели тој.