Американскиот амбасадор во Косово се сретна и со Иса Мустафа

5

Приштина, 8 октомври – По средбата со лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, чија партија победи на неделните вонредни парламентарни избори, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Филип Коснет, денеска се сретна и со Иса Мустафа, лидер на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), партија која е втора според брјот на освоени гласови на изборите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на ЛДК, на средбата во седиштето на партијата, на која присутвувале и носителската на листата и кандидатка на ЛДК за премиерка Вјоса Османи и други челнови на партиското раководство, станало збор за изборниот процес, предизвиците на идната влада на Косово, дијалогот со Србија и други теми.

– Претседателот Мустафа изрази посебно признание и благодарност за постојаната поддршка што САД ја даваат на Косово. Амбасадорот Коснет изрази задоволство поради добриот тек на изборниот процес и високата излезност на гласање, како и поради фактот дека имаше голема посветеност на темите кои ги засегаат гласачите. Тој рече дека очекува посветеност на борбата против корупцијата, на економијата и на дијалогот со Србија во правец на постигнување сеопфатен договор кој би донел стабилност и опстоен мир во регионот, се вели во соопштението.

Партиите кои досега беа во опозиција, ВВ и ЛДК, излегоа победници на неделните вонредни парламентарни избори, со освоени 25,48 (ВВ) и 24,82 (ЛДК) отсто од гласовите и се очекува да постигнат договор за заедно да ја формираат идната влада.