Ангеловска: Каматите на кредитите не се простуваат никаде

Економската стабилност на земјата се заснова и зависи од банкарскиот сектор, кој сега е стабилен, а таков треба да остане и по завршување на корона кризата, но каматите на кредитите никаде не се простуваат, рече министерката за економија Нина Ангеловска, одговорајќи на новинарско прашање дали е задовона од солидарноста на банките откако објавија дека ги одложуваат кредитите, но ќе пресметуваат камата за периодот во тек на одложувањето.

24

Како што истакна, изминатите две недели заедно со Народната банка и комерцијалните банки се работело на соодветно решение што ќе ги заштити граѓаните денес, но и во иднина.

Ангеловска рече дека банките веќе ги одложуваат ратите на физичките лица не само за три месеци, туку и за шест, што, според неа е показател оти се доаѓа и до подбри решенија со дијалог, процена на ризиците и со конструктивен предлог.

Според Ангеловска, каматите на кредитите не се простуваат никаде.

Кога се поставува прашање дали и каматите ќе бидат комплетно одложени, замрзнати, укинати или простени треба да имаме предвид дури и кај земјите во коишто е т.н. мораториум каматите не се бришат, одложуваат или простуваат комплетно. Дури и во земјите каде се воведе т.н мораториум на кредитите, каматите комплетно не се бришат или одложуваат или простуваат. Како пример Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија имаат мораториум, но каматите се пресметуваат и се репрограмираат во следниот период. Заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидализираат, туку значи дека цели да ги заштити граѓаните и на долг рок, бидејќи стабилноста на банките е важна за заштита на граѓаните и нивните средства и во иднина, рече Ангеловска.

Министерката за финансии најави дека на денешната седница на Владата ќе биде предложено дополнување на одлуката за кредитирање од Развојната банка со првата кредитна линија, што ќе овозможи за кредити да аплицираат и дејностите за транспорт.

Кредитната линија од 5,7 милиони евра беше отворена за најпогодените сектори: угостителство, транспорт и туризам. Сега, појасни министерката, ќе биде отворена втора илинија во висина од осум милиони евра која што ќе има поширок опфат, односно ќе ги опфати не само овие, туку и останатите погодени сектори и ќе понуди повисоки износи на кредити односно до 90 илјади евра зависно од бројот на вработени на компанијата.

-Дополнително на овие 5,7 и осум милиони разговаравме и за 50 милиони евра дополнитлено за кои што е веќе склучен договор со Европската инвестициска банка, меѓутоа сега се менуваат условите односно се договара со комерцијалните банки, бидејќи се работи за евтини кредити што ќе бидат пласирани преку нив да се помогне на секоја компанија која што ќе има проблем со ликвидноста и секако во насока на повторно задржување и заштита на работните места. И од таа кредитна линија зборуваме за давање на кредитите кон комерцијалните банки од страна на Развојната банка по каматна стапка од нула проценти односно државата ќе ја субвенционира каматната стапка за комерцијалните банки да дадат навистина поволни услови. Кога велиме поволни зборуваме за каматни стапки што се разговараат со комерцијалните банки во висина од околу 1,5 проценти, рече Ангеловска.

Како што информираше, Владата ја разгледува како опција и мерката за одложување на плаќањето на закупнините, а додека не се финализира и прецизира тоа апелираше сите кои се во можност да ја одложат наплатата.

Одговарајќи на прашање рече дека исплатата на сите обврски преземени од државата кон фирмите ќе се реализира во пропишаниот рок и ако е можно порано за да се задржи ликвидноста на компаниите.

Во однос на тоа дека стопанските комори не се задоволни од економските мерки на Владата, Ангеловска одговори дека сетот мерки се навистина сериозен, добро осмислен сет креиран во консултација со стопанските комори, академската заедница и дека биле прифатени одредени забелешки.

Вредноста на вториот сет мерки чини околу 200 милиони евра.