Ангеловски: Очекувам сите репрезентативци да дојдат, па и Елмас

24

Македонската фудбалска репрезентација ги брои часовите до одигрување на најважниот дуел во досегашната историја, тој против Грузија, в четврток во Тбилиси. Тоа е мечот кој треба да одлучи дали Македонија или Грузија ќе биде дел од завршницата на Европското првенство. Двете селекции никогаш не биле дел од едно големо натпреварување.

Селекторот на нашата селекција, Игор Ангеловски вчера го објави списокот од 23-ца фудбалери кои се повикани за историската средба. Меѓу повиканите е и Елиф Елмас кој не можеше да игра во полуфиналето од плејофот против Косово, откако од Наполи објавија дека е заразен со Коронавирусот.

Сега Елмас е одлично подготвен и е на списокот, но се појавува друг проблем. Италијанските медиуми денеска ги потврдуваат нашите најави дека газдата на Наполи, Аурелио де Ларуентис може да направи проблем и да не дозволи ниту еден фудбалер да се приклучи за репрезентативните обврски на своите селекции.

Освен Наполи, слично нешто има најава и од првиот човек на Јувентус Андреа Ањели. Тие не сакаат да ги пуштат своите фудбалери поради стравот дека може да се заразат со Коронавирусот и потоа да ги немаат на располагање за клупските обврски.

Селекторот Ангеловски вели дека очекува сите 23-ца повикани да ги види на почетокот на подготовките во Скопје закажани за в понеделник.

„Клубовите на сите наши репрезентативци навреме беа известени и поканите за настап беа упатени во предвидениот рок. Искрено очекувам сите 23-ца повикани да ги имам на располагање. И пред дуелот со Косово имавме проблеми околку доаѓањето на Горан Пандев, затоа што тогаш во Џенова имаше преку 15 заразени фудбалери, но за среќа Горан не беше меѓу нив. Газата на Џенова знаеше што значи за Македонија и за Пандев дуелот против Косово и не направи проблеми и му дозволи да дојде и да игра. Верувам дека доколку постои некој проблем за одреден играч, ќе успееме да најдеме начин да го имаме во составот за дуелот против Грузија“, изјави за СпортМанија селекторот Ангеловски.