Ангелов за пожарот во Тетово: Чад имаше, но немаше отровни материи

0

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, утрово уште еднаш во јавноста порача дека при вчерашниот пожар во поранешната фабрика „Македонија Табак“ во Тетово немало отровни материи во воздужот. За тоа, вели, испитувања направи Армијата со својата опрема од САД.

„Наместо да правиме проценка, дојде тим од АРСМ со опрема која е донација од САД и извршија мерење. Чад имаше, но немаше отровни материи. Нивната опрема може да детектира отровни испарувања. Граѓаните треба да бидат спокојни, нема никаква опасност по нивното здравје“, рече Ангелов во гостувањето во „Утрински брифинг“.

Тој информираше и дека фабриката не е целосно изгорена, туку само нејзини делови, а долготрајноста на пожарот се должи на составот на материјалите кои биле во погоните и магацините. Тоа се материјали, како што вели, кои кога еднаш ќе се запалат горат долготрајно и тешко се гаснат.