Анемична кампања

17

Градењето доверба е клучот за демократијата. Мене тоа ми е стремежот што ме носи напред! А во тоа тој процес ќе им верувам/е само на оние што сериозно ќе ја покажат таквата силна определба. Let’s be riders on the storm!

Од  Др. Арбен ТАРАВАРИ

Ерих Марија Ремарк своевремено го напиша романот „На Запад ништо ново“. Фраза што денес, по којзнае кој пат ќе заклучам, важи и за нашата држава. Да, „на македонскиот фронт ништо ново“. Освен можеби по некој нов брендиран аутфит во партиските табори заради некави си кампањски цели.

Презаситен е народот постојано да слуша дека некој во нешто не успеал затоа што претходникот не успеал во истото. Додека ‘партијашите’ си играат играчка и безделничат со непотребни обвинувања, времето си тече, а воздухот си е контиминиран, и во буквална и во преносна смисла. Криминалот и корупцијата толку удобно си се сместени во ова наше секојдневие што луѓето небаре ги заразила идејата „боље бити криминалац него страдалац“.

Едно нешто веќе еднаш засекогаш јасно и гласно да си го кажеме, а го знаеме сите. Секое обвинување е губење време. Колку и да се плукаме и препукуваме, тоа нема да ги смени нештата. Единствената ‘придобивка’ на обвинувањата е кога ги користиме како тактика за да го тргнеме фокусот од себеси, токму во моментот кога се бара одговор од нас. Тактика што ја искористуваме кога ќе се најдеме во неволја. Во комбинација со агресивната реторика. И тоа во ситуации кога ќе налетаме на нешто (не)очекувано, (не)планирано, нешто на што не нѐ подготвил денот, часот, минутата. Или кога некој ќе нѐ фати во небрано. Што би рекол еден мој професор, блиску до умот, а далеку од паметот. Ама оди, па разбери!

Неретко, освен со ваквите тактики, квази – политичарите се служат и со нешто друго за да одбегнат одговорност за својот неуспех. Тоа е кога се повикуваат на „вишата сила“ што ги спречила да направат нешто. На некоја „трета сила“ или фактор што ни го загрозиле секојдневието. Некој не нѐ сака таму надвор, а ние сме си супер. Како да не!!

Во меѓувреме, луѓето се чувствуваат како изиграни, а недоиграни марионетки. Еве ги сега со нив си се ‘послужуваат’ и квази-политичарите во предизборната битка кон тронот. Оние кои забораваат дека кампањата не е за партиите, ами е за народот, во онаа вистинска смисла на зборот. Вистинска кампања е онаа која на народот ќе му предложи сценарија за излез од неволјите и влез кон светот на решенијата. Какви и да се, но да се барем на спектарот на решенијата. Да не се влез во нови неволји. Нешто што долго ни се одигрува на политичкиот репертоар изминативе години, да не речам и деценија. Кампањата треба да е тест на способностите на политичарите, чиј оценувач ќе биде народот, кој потоа ќе одлучи кому да му ја врачи довербата за водење на државата.

Арно ама, кампањите долго наназад наликуваат и на разиграни сценарија за дистрибуција на производи за домаќинството или сувенирчиња што собираат прашина,  кои се врачуваат лично, од врата на врата. Брашно или шеќер, капи или пенкала во боја, сеедно. А, каде се главните производи на менито? Каде се пораките? Идеите? Концептите за подобар живот? Како и кога да ги провериме дали се возможни? Што е она што ќе ги увери гласачите дека дошло времето на промените? Промените со кои злото ќе се казнува, а доброто и квалитетот наградува.

Не е стратегија ако нејзиниот резултат значи преполовени семејства, неправедно осудени,  затворени училишта без ученици,  невработени кои се молат за милостиња, вработени кои сакаат да си заминат со карта во еден правец, не е стратегија ако си во спрегите и заложништво на партијата што те  вработила! Не е стратегија ако некој ти дал доверба од сѐ срце, а ти си поигруваш со неа и ја изневеруваш кога ќе го почувствуваш првиот знак на лакомост!

За смиреност не може да ти зборува некој кој до вчера држел пушка в рака. Не е добра порака ако ја искористуваш ранливоста на луѓето, нивните стравови и очекувања. Тие ти се довериле и поверувале, а ти си ги изневерил. Зашто, нели, зад секое изневерување претходно имало некаква доверба!

Да не зборуваме за распространетоста на погрешните и неточни информации во предизборните битки, односно уште далеку пред да се случи кампањата. Квалитетот на јавната расправа е сведен на чиста нула, а манипулацијата со идните гласачи расте забрзано. Што повеќе ни треба за социјални поделби во општеството? И, што е најважно, за губење на довербата во политиката и иднината на оваа држава?!?

По којзнае кој пат ќе речам, време е одблиску да ги слушнеме потребите на другите, нивните ставови и гледишта. На тие околу нас. Можеби така ќе дознаеме зошто довербата е многу мала и што е она што треба да се направи за да ја вратиме почитта на нашите конституенти. Време е да им помогнеме на луѓето да развијат здрав скептицизам кон оние што се на врвот на моќта.

Ако на луѓето денес им покажеме дека тие ќе бидат лидерите на утрешнината, за нив ќе сториме многу. И, што знам, можеби еден ден навистина ќе се врати довербата во политиката. А, особено во моќта на кажаниот збор. Политиката можеби не е магична алатка што во еден потег ќе ги реши сите зла на недемократијата. Но, дефинитивно треба да поттикне поширока дебата и системски промени. А особено искоренување на преваленцата на погрешни и лажни ветувања. Демократијата во оваа држава, ако сака да застане на цврсти нозе, нема да дозволи да ја создаваат анемични кампањи и валкани битки како досегашните.

Градењето доверба е клучот за демократијата. Мене тоа ми е стремежот што ме носи напред! А во тоа тој процес ќе им верувам/е само на оние што сериозно ќе ја покажат таквата силна определба. Let’s be riders on the storm!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)