Анкета: Голем дел од Грците би одбиле вакцина против Ковид-19

49

Ако светот во моментот има одобрена и бесплатна вакцина против Ковид-19, голем дел од Грците (44 отсто) не би сакале да ја примат, наспроти 50 отсто од анкетираните кои одговориле позитивно во истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Метрон аналисис” за грчкиот весник „То вима”, јави дописничката на МИА од Атина. Најголем број на оние кои би одбиле вакцина се меѓу 45 и 54 годишна возраст.

Испитаниците, според истражувањето во кое учествувале 1.002 лица, како најголеми проблеми во земјата во моментот ги издвоиле пандемијата (29 отсто) и економијата (28 проценти), а веднаш потоа е надворешната политика со 21 отсто од одговорите на анкетираните.

Во однос на употребата на маска, осум од десет анкетирани (81 отсто) одговориле дека се согласуваат со нејзино користење на јавни места. И покрај високиот процент на Грци кои не се против носење на маска, сепак, вчера во повеќе грчки градови се одржаа протести токму против задолжителната употреба на маската во училиштата.

Родители, организирани преку социјалните мрежи, протестираа во Атина, во Солун, во Ламиа, како и на островот Крит, со цел да испратат порака дека не се согласуваат нивните деца да носат маски за време на наставата.

„Не за маски на училиште, му штетат на здравјето на нашите деца”; „Ниту едно дете со маска на училиште”; „Не за вакцина, не за маска”, беа дел од слоганите испишани на транспарентите на демонстрантите, кои секако не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот, ниту ја одржуваа потребната социјална дистанца, ниту носеа маски.