Антикорупционерите отвораат постапка, Владата готви соопштениe за софтверот на Рашковски

29

Државната комисијата за спречување на корупцијата се очекува денеска да донесе одлука за отворање на постапка по допрен глас за набавката за МВР на софтверот за видео надзор на сообраќајкни прекршоци, со цел да се увиди дали станува збор за злоупотреба од страна на Генералниот секретаријат на Владата кој го раководеше Драги Рашковски. Премиерот Зоран Заев вели дека има докази за комуникација на Владата со МВР и дека сите детали ќе бидат објавени преку соопштение.

Дадов насоки да се расчисти работата поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци бидејќи станува збор за период на техничката Влада и видов докази на меѓусебна комуникација помеѓу Генералниот секретаријат и МВР токму заради постапките и информациите поврзани со ова прашање и ќе има соодветно соопштение од Владата за сите детали поврзани со набавката и за координацијата со МВР, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето дали Драги Рашковски како генерален секретар на Владата на своја рака го објавил тендерот за софтверот за сообраќајни прекршоци за МВР, без да консултира други инстанци во Владата, бидејќи го нема во планот на Владата.

Заев ја исклучи можноста за злоупотреби при набавката, рече дека е целосно спроведена постапката и дека била предвидена со буџетот со околу 8 милиони денари, а подоцна таа сума била намалена, нагласувајќи дека во моментот ги нема сите детали, но дека сѐ ќе биде објавено преку соопштение.

Набавката на овој софтвер за видео надзор преку кој ќе се изрекуваат казни за сообраќајни прекршоци, кој и по осум месеци не е во функција, ќе ја истражува и Државната комисија за спречување на корупција.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска најави за денеска дека на колегиум ќе предложи отворање на постапка по допрен глас за да се истражи процесот на набавката. Најавуви и дека ќе побара Владата на Комисијата да ѝ го достави на увид планот за набавката со образложение зошто не е во употреба.

Рашковски, кој денес е задолжен за мониторинг на владините проекти, за „360 степени” вели дека нема ништо спорно, дека изборот бил транспарентен и компетитивен, дека се чекаат некои законски измени и завршување на епидемијата за да може да функционира и дека немало потреба од тенденциозни и некоректни прашања.