Антикорупциска: Ангеловска имала информации за Еуростандард банка и предност да носи одлуки за своите пари

54

Министерката за финансии Нина Ангеловска по служебана должност раполагала со информации за движењата во Еуростандард, банката за која Народната банка донесе одлука за поведување стечајна постапка со одземање на дозволата. Ова денеска го изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска која рече дека тие информации можеле да имаат влијание врз нејзиното однесување. Тоа ја ставило во позиција да оствари предност пред другите клиенти во банката. Како што е познато Ангеловска имала депозит во Еуростандард банка, пари кои ги подигнала пред одлуката за затворање на банката.

Прв документ кој потврдува дека Ангеловска дознава дека Еуростандард ќе оди во стечај е записник од состанок на Комитетот за финансиска стабилност на 4 јуни. Таа парите ги подигнала порано, но Ивановска вели дека како член на Комитетот и како министерка Ангеловска знаела за сите движења во банкарскиот сектор па и за случувањата во банката.

„Министерката не го знаела можеби точниот ден кога ќе се случи стечајот, и дали воопшто до тоа ќе дојде, затоа што законски Народната банка не треба да ја известува за тоа, но таа била во позиција да ги има информациите. Тоа ја става во ризична состојба во однос на судирот на интереси. Да не пропаднеше банката ова немаше да се актуелизира. Но наше е да укажеме и ние ќе иницираме измени во регулативата. Следниот министер може да има депозит и нашата цел и поента е да укажеме. Носителите на јавни функции можат да се најдат во ваква позиција. Сепак носителот треба во тој момент да рече нема да превземам дејство туку ќе го сносам ризикот како и сите други, рече Ивановска.

Случајот за Ангеловска се разгледувал на денешната седница на КОмисијата. ПОбарани биле информации и од Ангеловска и од Народната банка.

Законски гувернерот и министерот за финансии одржуваат редовни состаноци на Комитетот за финансиска стабилност. Дополнително има меморандум за соработка кој во април е дополнет. Со меморандумот е регулирано дека за одржување на финансиската стабилност треба да има директни контакти, размена на податоци и информации за движењата на пазарот и за стабилноста и на таков начин да се изноѓаат решенија

Додека била министер за финансии годинава одржани се два состаноци на 19 мај и на 30 април, а записниците не упатуваат дека се рагзоварало за Еуростандард банка.

Прв е записник е од 4 јуни 2020 година – тогаш постоеле и такви разговори.

Комисијата нема право да изрекува казни но укажува дека овие односи треба да се доуредат од етички аспект и да се додадат уредби за да се регулира судирот на интереси.

Нина Ангеловска пак тврдеше дека парите и биле потребни за да купи стан и дека средствата ги повлекувала уште од минатата година и не ги префрлала во други банки, туку ги користела за други инвестиции.

„Би сакала уште еднаш да ѝ ги соопштам на јавноста фактите и воедно да ги демантирам сите неточни информации кои тенденциозно се пласираат. Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во ‘Еуростандард банка’, соопшти таа.