Антикорупциска во моментов врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата

13

Зоран Заев, премиерот на Македонија, во видео-обраќање, критикувајќи го правосудниот систем, објави дека во моментов Државната комисија за спречување на корупцијата врши проверка на парите и имотот на сите функционери на Владата.

– Се врши проверка на имотот и парите на сите членови на Владата, започнувајќи од мене, и тоа е во ред. Затоа, ја повикуваме државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка на проверка на имотот и парите на судиите и обвинителите веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш, рече Заев.

Тој додаде дека извршната власт на Антикорупциска и нуди помош со сите свои капацитети само да се провери детално имотната состојба на судиите и обвинителите, како и нивните семејства.

Порача дека треба да се испитаат и конфликтите на интереси и поврзаноста на судиите со адвокатите, застапниците и обвинителите на било кој начин во предметите кои ги водат.

Ги повика Судскиот совет и Советот на обвинители да ја преиспитаат одговорноста на судиите за застарувањето на предметите.

Заев најави и дека ќе се испитаат сите лекарски потврди и други наводни аргументи со кои се овозможило на обвинети, ососмничени и осудени да бидат во куќен притвор или да се зададат во бегство. Побара помош и од Европската комисија.

– Му дадовме шанса на судството, а од таму немаше резултати. Затоа судството ќе мора да се соочи со граѓаните, да се прочисти од нечесните и да се промени, додаде Заев.