Антикорупциска ќе бара од Пендаровски да не го потпишува законот за коридорите

6

Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) ќе побара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише штотуку усвоениот „Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10“, или кратко законот за давање на овие проекти без јавно надавање на компанијата „Бехтел и Енка“.

Според ДКСК законот е во сериозен судир со Уставот и, се додека имаат овластувања, тие ќе се спротивставуваат не неговата примена. Следниот чекор , ако сепак го потпише претседателот Пендаровски, ќе биде негово оспорување пред Уставниот суд.

-Законот содржи сериозни уставни прекршувања. Ние нема да се откажеме со спротивставувањето на неговата примена до последно, до сите овластувања што ги имаме. Понатаму, тој е нивна одговорност, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, најавувајќи практично дека ќе ги искористат сите можни постапки.

Носењето на законот таа дури го нарече сплеткарење, додавајќи дека немало јавен интерес тој да биде изгласан така како што беше, во брза постапка, и што и беше најзачудувачко – со сите гласови за, ниту еден против и ниту еден воздржан.

-Не постои колективна одговорност, нагласи таа околу дилемата дали ќе се искористи како олеснителна околност и оправдување тоа што договорот во четири очи со оваа компанија ќе биде потпишан формално по барање на Собранието.

-Прво треба да се спречи, а потоа да се лечи, ја најави таа стратегијата околу оспорувањето на законот, додавајќи дека и е најчудно што со него се негираат сите други, а пратениците го изгласаа без проблем.

Според Ивановска, законот ќе донесе и правна нееднаквост, а неговото донесување во скратена постапка е во спротивност со националната стратегија за борба против корупцијата што неодамна се изгласа во Парламентот и што со толку помпа ја најавија од Владата, како и воопшто со принципите за борба против корупцијата.

Притоа, беше нагласено дека за избраната компанија која треба да ги гради автопатиштата медиумите во регионот веќе пишуваа дека често била поврзана со корупциски скандали,а сега повторно се избира за стратешки партнер без јасни критериуми и цели.

Поминаа 7 години од договорот во четири очи со кинеската „Синохидро“ и сите знаеме колкава и каква е штетата.А, сега се предлага да продолжиме со истото – рекоа од ДКСК со додавка дека за нешто што се чекало 30 години – сега се решава со брза постапка. Според нив сите обиди да се расчисти со аферите околу Скопје 2014 и договорот со „Синохидро“ потфрлија иако штетата е во стотици милиони евра.

-Ситуацијата се повторува и ние треба да ги затвориме очите – за што? Да ни се повтори уште едно „Синохидро“? – порачаа од ДКСК, очекувајќи дека Пендаровски ќе се охрабри уште еднаш, како тогаш кога одби да го потпише законот за легализација на дивоградбите.

Ивановска претходно ја повика Владата да се откаже од ангажирање на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од Коридорот 8 и Прилеп – Битола преку „специјален закон“. Таа рече дека преку директна спогодба овој конзорциум би се прогласил за стратешки инвеститор, а изградбата на автопатите за национален интерес. Тоа ја отвора вратата за евентуално коруптивен договор, а ДКСК ваквиот закон, доколку се изгласа, ќе го оспори пред Уставен суд, изјави Ивановска.

„Станува збор за закон од висок ризик за корупција и ќе го дадеме на Уставен суд. Како е можно тој закон да биде согласност со Уставот, а при тоа да се фаворизира еден оператор“, прашува претседателката на ДКСК.