Аплицирањето за студентски стипендии завршува в понеделник

0

До 5 декември (понеделник) е рокот за аплицирање за студентски стипендии за академската 2022-2023 година. Согласно конкурсот на Министерството за образование и наука, предвидено е да бидат доделени вкупно 3000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории поради  недостигот од кадар во одредени области.

Како што соопшти МОН, првпат ќе бидат доделени 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Новина се и 15 стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Исто така, 15 стипендии се предвидени првпат и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

Вкупно 1470 стипендии се наменети за редовни студенти од социјалните категории. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

За студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности се предвидени 15 стипендии.

Петстотини стипендии се предвидени за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година најмалку 8,00 просечен успех.

Триесет стипендии ќе бидат доделени на студенти запишани на студиски програми по хемија, 20 на студенти запишани на физика и 20 за студиските програми по математика.

Предвидени се и 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

– Во Конкурсот се наведени сите услови, критериуми и потребните документи за аплицирање со цел остварување на правото на користење на секоја категорија на стипендии. Оваа година аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk и хартиени апликации преку архивата на МОН, нема да се прифаќаат, соопшти МОН.

Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.