Бајден: Америка се враќа, подготвена е да го води светот

22

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден вчера официјално ги претстави првите луѓе во неговата идна администрација и ја претстави својата визија за надворешната политика во која САД го преземаат глобалното водство.

Во време кога се одвива трансферот на власта, Бајден рече дека неговиот избор на Ентони Блинкен за државен секретар ќе го врати моралот и довербата во американскиот Стејт департмент, одговорен за дипломатските односи на земјата.

Неговиот тим, рече тој, го отелотворува неговото фундаментално убедување дека „Америка е најсилна кога соработува со сојузниците“.

„Тој тим го одразува фактот дека Америка се враќа, дека е подготвена да го води светот, а не да се оддалечува од него“, рече Бајден во Вилмингтон, Делавер.

Тој рече дека е позитивно изненаден од коментарите и повиците на светските лидери за тоа „колку се среќни што САД повторно ја преземаат својата историска улога на глобален лидер, и преку Пацификот и преку Атлантикот, низ целиот свет“.

Во тимот на Бајден се наоѓа и поранешниот државен секретар Џон Кери, кој ќе биде специјален пратеник на претседателот за климатски работи, а исто така ќе заседава и во Советот за национална безбедност. Бајден има намера повторно да се приклучи на Парискиот климатски договор.

Во Вилмингтон, Џон Кери ја повика меѓународната заедница да има поголема амбиција во борбата против климатските промени, што е приоритет на избраниот претседател.

„Само Парискиот климатски договор потпишан во 2015 година не е доволен “, рече Кери, повикувајќи ги учесниците на конференцијата на ООН COP26 во Глазгов во ноември 2021 година „да имаат повеќе заеднички амбиции или нема да успееме сите заедно“.

Линда Томас-Гринфилд ќе служи како амбасадор во ООН, а Џејк Саливан е новиот советник за национална безбедност.

Таа рече дека „Америка се врати, мултилатерализмот се врати, дипломатијата се врати“. Таа вети оддалечување од изолационизмот на претседателот Трамп.

Ентони Блинкен исто така зборуваше денеска од Вилмингтон и повика на меѓународна соработка за „решавање на светските проблеми“.

„Не можеме сами да ги решаваме проблемите во светот, мора да работиме со други земји“, рече Блинкен.

Аврил Хаинс, доколку биде потврдена во Сенатот, ќе стане директорка на Националната разузнавачка служба, а со тоа и првата жена на таа позиција, додека Алехандро Мајоркас ќе стане шеф на Министерството за домашна безбедност. Тој ќе биде првата личност со латино потекло што ќе ја извршува оваа позиција, надгледувајќи ги клучните агенции за спроведување на законот и имиграцијата.

Претседателот Доналд Трамп се согласи да започне процес на трансфер на власта, иако тој сè уште одбива да признае пораз, но Бајден сега има пристап до милиони долари во средства, доверливи разузнавачки брифинзи и клучни владини контакти во државните агенции за правилно преземање на претседателската функција на 20 јануари.

Голем број на именувани лица во новата администрација се колеги на Бајден од администрацијата на претседателот Барак Обама.