Бајден: Војната во Авганистан беше грешка од самиот почеток

4

Во 2001 година тргнаа да го бараат Осама бин Ладен, кој беше обвинет како организатор на терористичките напади на 11 септември. Тоа беше неуспешна акција, бидејќи Бин Ладен не беше во Авганистан во тоа време и наместо војската да се собере и да се врати дома, се донесе одлука да се остане и да се учествува во изградбата на авганистанската нација – вели Глен Гринвалд, прославен американски новинар

По преземањето на Кабул и комплетната власт во Авганистан од страна на талибанските сили, американските трупи во земјата се сконцентрирани на евакуација на странските државјани и Авганистанците кои во изминатите 20 години биле дел од нивната администрација.

Евакуацијата се одвива исклучиво од меѓународниот аеродром во Кабул, каде на моменти ситуацијата излезе од контрола, кога очајна група Авганистанци се обидуваа фатени од надворешната страна на воените авиони да го напуштат главниот град на Авганистан, со што некои од нив тоа го платија со своите животи.

Потресните сцени од аеродромот предизвикаа неверица и гнев пред се кај Американците, кои според објавената анкета, во огромно мнозинство(69 проценти од испитаниците) не го одобруваат начинот на кој е изведено повлекувањето на трупите од земјата, која во изминатите две децении беше епицентарот на военото и политичкото присуство на САД во тој дел од светот.

Сепак, американскиот претседател Џо Бајден, кој накратко го прекина годишниот одмор и се појави во прес-салата на Белата куќа, непоколебливо истакна дека американските војници и целиот останат персонал ќе биде повлечен од Авганистан.

– Ако авганистанските сили не сакаат да се бранат, нема шанси дека уште една година или повеќе години од американски ангажман во земјата да направат разлика – оцени Бајден. Тој рече дека американските сили не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.

Бајден, сепак, призна дека авганистанската влада падна побрзо отколку што очекуваа Американците. Тој, исто така, откри дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одбил да учествува во обидот да се најде дипломатско решение.

– Не можеме да го постигнеме ова преку постојани војни, туку преку дипломатија и политички акции. Го одобрив испраќањето на 6.000 војници кои сега работат на евакуација на луѓе, тие ја презедоа контролата врз цивилниот и воениот воздушен сообраќај, нашата дипломатска мисија е на аеродромот и ја затворивме амбасадата во Кабул. Ние веќе префрливме 2.000 Авганистанци со специјални визи, многу други ќе бидат префрлени во наредните денови и оваа програма дополнително ќе се прошири на оние кои работеле и помагале на други организации. Морам да кажам дека има такви кои во моментов не сакаат да ја напуштат земјата, бидејќи и веруваа на Владата дека работи на спречување конфликти и понатамошни проблеми – изјави Бајден.

Тој смета дека не е во интерес на САД да продолжат да ги жртвуваат американските војници и нивните семејства и дека тој ветил дека ќе стави крај на американското воено присуство во Авганистан и дека со оваа одлука го исполнил ветувањето за прекин на непријателствата.

– Не сакам да ги повторувам грешките од Виетнам што беа направени кога дојдов овде како млад човек – заклучи Бајден.

Голем број американски аналитичари сметаат дека најголемата грешка е направена со самата одлука да се изврши инвазијата на Авганистан.

– Во 2001 година тргнаа да го бараат Осама бин Ладен, кој беше обвинет како организатор на терористичките напади на 11 септември. Тоа беше неуспешна акција, бидејќи Бин Ладен не беше во Авганистан во тоа време и наместо војската да се собере и да се врати дома, се донесе одлука да се остане и да се учествува во изградбата на авганистанската нација – вели Глен Гринвалд, прославен американски новинар.

Интересно, но во меѓувреме од Вашинтон дојде и информацијата за можна соработка на САД со талибанскиот режим.

Тоа го изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс кој остави можност САД да соработуваат со новата влада во Авганистан.

– Ги продолжуваме нашите контакти со талибанците во Доха. Американската војска разговараше и со талибанците во Кабул – рече Прајс за време на брифингот во Вашингтон.

Во 20 години поминати во Авганистан, САД потроши два билиона американски долари, кои беа потрошени во изградбата на инфраструктурата на земјата и развивање на социјалниот и образовниот систем. Само во обуката и опременоста на армијата биле инвестирани 84 милијарди долари.

Талибанците ги повикуваат жените да се приклучат на нивната влада
Талибанскиот претставник Анамулах Самангани најави општа амнестија за сите во Авганистан и ги повика жените да се приклучат на нивната влада.

Самангани, член на комисијата за култура при Исламскиот емират, име што го користат талибанците за Авганистан, го изјави тоа денеска за државната телевизија, која сега е под нивна контрола.

– Исламскиот емират не сака жените да бидат жртви – изјави талибанскиот претставник.

Тој додаде дека структурата на новата влада сѐ уште не е целосно позната, но врз основа на претходните искуства, треба да има целосно исламско раководство и сите страни да бидат вклучени во неа.

Добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусуфзаи изјави дека е длабоко загрижена за ситуацијата во Авганистан, особено за безбедноста на жените и девојките и ги повика светските лидери да преземат итни мерки.

Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден мора да преземе храбри чекори за да го заштити авганистанскиот народ по победата на талибанците, додавајќи дека се обидува да допре до неколку светски лидери.

Мал е бројот на аналитичари и добри познавачи на состојбата на теренот, кои навистина веруваат дека талибанците ќе дозволат вистинска инклузивност на жените и неистомислениците во Авганистан. Медиумите известуваат и дека во Кабул е започната идентификација на сите луѓе, кои биле сметани за непријатели на талибанското движење, меѓу кои се наоѓаат новинари, политичари, активисти, професори и борци за човекови слободи.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го повика Советот за безбедност да ги искористи сите средства што ги има на располагање за да се избори против глобалната терористичка закана во Авганистан и да гарантира почитување на основните човекови права во земјата.

– Добиваме страшни извештаи за сериозни ограничувања на човековите права низ целата земја – рече Гутереш.

Тој нагласи дека е особено загрижен за извештајот за зголеменото кршење на човековите права на жените и на девојките во Авганистан.

ЦПЈ: САД мораат да ги заштитат авганистанските новинари
Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ) изрази загриженост за безбедноста на медиумските работници и упати апел до САД да гарантираат нивна заштита.

– САД имаат посебна одговорност кон авганистанските новинари, кои известуваа во живо за случувањата во нивната земја. Администрацијата на (Џо) Бајден може и треба да стори сѐ што е во нејзина моќ за да ја заштити слободата на медиумите и да се залага за правата на авганистански новинари, фотографи и медиумските работници – изјави извршниот директор на организацијата, Џоел Симон.

ЦПЈ апелира до САД да обезбедат полесно добивање виза за авганистанските новинари, за да можат да заминат од Авганистан. Според Комитетот, 45 новинари се под закана од талибанците, а поголемиот број од нив се новинарки. Додека 127 медиумски работници се под значителен ризик, како и 119 новинари што биле поврзани со американските медиуми. ЦПЈ добила 475 барања за помош.