Бајден е негативен на ковид-19 по ризичен контакт во претседателскиот авион

17

Американскиот претседател Џо Бајден бил негативен на ковид-19 откако бил информиран дека вработен во Белата куќа кој во петокот поминал околу 30 минути во негова близина во претседателскиот авион „Ер Форс 1“ бил позитивен во понеделникот наутро, соопшти Белата куќа.

Резултатот од ПЦР-тестот што Бајден го доби во понеделникот, откако беше информиран за случајот, беше негативен, како и тестот за антиген што го направи во неделата како дел од редовното тестирање, се вели во соопштението на портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Бидејќи упатствата на Центрите за контрола и превенција на болести не бараат целосно вакцинираните лица да бидат ставени во карантин по изложувањето, Псаки рече дека Бајден кој има 79 години ќе продолжи со неговиот дневен распоред.

„Вработен во Белата куќа помина приближно 30 минути во близина на претседателот на летот на „Ер Форс 1“ во петокот, на пат од Оринџ, Јужна Каролина, до Филаделфија“, рече Псаки.

Тој член на персоналот бил целосно вакциниран, добил и бустер доза и имал негативен тест пред да се качи во авионот, рече Псаки, додавајќи дека немал никакви симптоми до неделата. Портпаролката не го идентификуваше членот на персоналот, но рече дека немала контакт со Бајден.

– Останатите кои биле на тој лет и кои биле во близина со заразениот се контактирани и ќе бидат советувани да бидат тестирани – додаде Псаки.