Бајден: Извештаите за пукање во луѓе пред камиони со хуманитарна помош ќе ги комплицираат разговорите за примирје во Газа

2

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ретерираше од својата оптимистична прогноза дека прекин на огнот во Газа ќе се случи до понеделник.

Најмалку 104 луѓе се убиени, а 760 се повредени во денешниот напад на израелските сили јужно од градот Газа. Според очевидци, жртвите чекале хуманитарна помош во близина на Довар ал-Наблус.

Бајден истакна дека извештаите за израелски оган врз Палестинците собрани околу камионите со помош ќе ги комплицираат разговорите за примирје, јави Скај њуз. Американскиот претседател претходно изрази надеж дека може да се постигне договор меѓу Израел и Хамас до крајот на викендот.

Бајден посочи дека со оглед на денешниот настан, до понеделник веројатно нема да се договори привремен прекин на огнот. Разговорите се водеа во Каиро и Париз, со посредници Катар, Египет и САД. На средбата беше предложена шестнеделна пауза во борбите, вклучително и размена на заложници за палестински затвореници.

Високиот член на Хамас, Изат Ал-Ришек предупреди дека убиството на луѓето кои чекале помош може да доведе до неуспех на тековните разговори, кои имаат за цел ослободување на заложниците и прекин на огнот.

– Преговорите не се отворен процес. Нема да дозволиме преговорите да бидат покритие за континуираните злосторства на непријателот врз нашиот народ во Појасот Газа, истакна Ал-Ришек.

И Палестинското претседателство го осуди „грдиот масакр“. Канцеларијата на претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас го осуди „грдиот масакр извршен од израелската окупаторска армија“.

Според израелската армија инцидентот почнал околу четири часот наутро, кога триесетина камиони со хуманитарна помош пристигнале на брегот на градот Газа, за да достават храна до Палестинците. Илјадници Палестинци ги опколиле камионите откако го поминале контролниот пункт на израелските безбедносни сили (ИДФ) во центарот на Газа, што довело до стампедо, при што загинале десетици Палестинци, а стотици повредени, а некои биле прегазени од камионите.