Бајден остро ги осуди коментарите на Трамп за НАТО како „неамерикански“

11

Претседателот на САД Џо Бајден синоќа во говор од Белата куќа остро ги осуди „не-американските“ коментари на поранешниот претседател Доналд Трамп во кои тој рече дека би охрабрил руски напад на сојузници на НАТО ако тие не трошат доволно пари за одбрана.

Обраќањето на Бајден беше дел од повикот до Конгресот да го усвои пакетот помош во висина од 95 милијарди долари за Израел, Украина и други сојузници на САД.

Бајден рече дека со коментарот Трамп пратил опасен и „срамен“ сигнал до светот. Се работи за говор од кампањата на Трамп даден викендов на митинг во Јужна Каролина во кој тој опиша измислен разговор со европски лидер кој го прашал дали САД би ја заштитил неговата земја од руски напад ако таа не плати.

-Му реков, немате платено, должни сте, тој рече ’да кажеме дека е така‘, не не би ве заштитил. Всушност, би ги охрабрил (Русите) да прават сè што сакаат, раскажа Трамп на присутните на митингот.

Најлошиот дел од говорот на Трамп, изјави Бајден синоќа, „е дека тој навистина го мисли тоа“.

-Зар можете да замислите, поранешен претседател на Соединетите Држави да го каже тоа? Целиот свет го слушна. Ниту еден претседател во нашата историја не се поклонувал пред руски диктатор. Па да ви кажам колку што е можно појасно. Јас никогаш нема да го сторам тоа. Побогу, тоа е глупо. Срамно. Тоа е опасно. Тоа е неамерикански, изјави Бајден.

Бајден рече дека Трамп не разбира дека НАТО алијансата е „света обврска“ дадена од САД.

-Доналд Трамп гледа на тоа како товар. Кога го гледа НАТО тој не гледа алијанса која ја штити Америка и светот. Тој ја гледа како рекет за заштита. Тој не разбира дека НАТО е изградено на фундаменталните принципи на слобода, безбедност и национален суверенитет. Затоа што за Трамп принципите на важат. Се е трансакција.

Бајден истакна дека Точката 5 од Статутот на НАТО според која вооружен напад на еден или повеќе земји на НАТО „ќе се смета за напад против сите“, била применета само еднаш, по нападите на САД на 11 септември 2001 година.

Непријателите на Америка одамна посакуваат распад на НАТО алијансата, рече претседателот.

-Тие сигурно наздравуваа кога слушнаа што кажа Доналд Трамп. Но јас нема да отстапам. Не можам да замислам било кој друг претседател да отстапи. Сè додека сум претседател, ако Путин нападне НАТО сојузничка САД ќе го заштитат секој инч од територијата на НАТО, изјави тој.