Бајден: Ќе ја извлечам Америка од темнината во која Трамп ја вовлече (ВИДЕО)

25

Џо Бајден синоќа и официјално стана демократски претседателски кандидат и им порача на Американците на изборите во ноември да бираат достоинство, наука и демократија и вети дека Америка ќе ја извлечат од темнината во која, како што вели, сегашниот претседател Доналд Трамп ја вовлече, пренесува Би-би-си.

Тој го започна својот говор со цитат од активистка за граѓански и човекови права Ел Бејкер: „Дајте им на луѓето светлина и тие ќе го најдат патот“.

Тој предупреди дека Америка била „предолго во темнина“ под водство на Трамп и дека неговиот мандат се вртел само околу него, наместо околу Американците.

„Ако ми го доверите претседателството, ќе го извлечам најдоброто од вас, не најлошото. Ќе бидам сојузник на светлината, а не на темнината“. Тој исто така рече дека на овие избори се избира „достоинство, наука и демократија“ и предупреди дека Америка е во „период на реална опасност, но и на извонредни можности“.

Тој му се обрати на поранешниот претседател Барак Обама, за чии два мандата тој работел како потпретседател на САД. „Бевте одличен претседател, претседател на кој нашите деца можат да се угледаат. Тоа никој нема да може да го каже за сегашниот окупатор на Белата куќа“.

„Никогаш нема да ја вратиме економијата на нозе и безбедно да ги вратиме децата на училиште се додека не се соочиме со вирусот“, тој ги повтори критиките за одговорот на Трамп на пандемијата на коронавирус, велејќи дека тој има план за разлика од неговиот републикански ривал.

Бајден вети дека развој на брзи тестови за коронавирус и производство на заштитна и медицинска опрема во САД „за никогаш повеќе да не мора да бидеме во милост на Кина или на други земји за да ја заштитиме нашата земја“.

Тој исто така вети дека ќе воведе задолжително носење маски во сите сојузни држави.

„Ќе бидам претседател кој стои покрај своите сојузници и пријатели и јасно ќе им стави до знаење на своите противници дека деновите на зближување со диктаторите се завршени“, рече Бајден.

Тој додаде дека нема да толерира мешање на странски сили во „најсветата демократска активност – гласање“, осврнувајќи се на руската вмешаност во америкаснките претседателски избори во 2016 година.

Тој вети дека САД, доколку биде избран, ќе се вратат на обврските од Парискиот климатски договор, од кој Трамп се повлече.

Демократскиот кандидат вети дека ќе создаде подобар образовен систем што нема да ги остави младите луѓе во долгови, нови работни места и изедначување на платите на жените и мажите.

Тој исто така рече дека „не сака никого да казни“, но верува дека е време најбогатите луѓе и најголемите корпорации да придонесат повеќе во САД.

Тој го заврши својот говор повикувајќи ги гласачите „да го прекинат поглавјето на американска темнина, тука, вечерва“.

Актуелниот претседател Доналд Трамп регираше на критиките на Бајден на Твитер.

„Џо во 47 години не направи ниту една од тие работи за кои сега зборува. Никогаш нема да се промени, тоа се само зборови“, напиша Трамп.