Бектеши: Не стравуваме од заканите за сопирање на рускиот гас

6

До 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас во земјава, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој не верува дека би имале некаков проблем во делот на топлинската и електричната енергија при евентуална одлука на Руската Федерација „непријателските држави“ да го плаќаат природниот гас во рубли.

По најавите на Русија дека ќе ја стопира испораката на гас за оние земји кои нема да ја платат сметката во рубли, Бектеши вели оти кај нас нема таква насока од Европската Централна банка имајќи предвид дека на нашата курсна листа рубљата ја нема како валута и не можат да се направат такви трансакции.

„Мерките за снабдување со енергенси се донесени навремено, подготвени сме за секоја можна опција која може да се случи и во делот на електричната енергија и во делот на топлинската енергија не би имале никаков проблем со можна таква одлука на Руската Федерација. Нашиот гасовод оди преку Република Бугарија, во случај да се донесе одлука за стопирање на рускиот гас, сите други алтернативни решенија со кои ќе се снабдува Бугарија, како членка на ЕУ, ќе можеме и ние да ги користиме“, рече министерот.