Белата куќа: Руската акција и реторика се единствениот извор на тензии на украинско-руската граница

1

Руската акција и реторика се единствениот извор на тензии на украинско-руската граница, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. Таа додаде дека се уште не е одредено местото и времето на средбата на американската и руската делегација за Украина.

Псаки одговараше на прашања на новинарите во Белата куќа.

Во врска со изјавата на рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференцијата дека САД се подготвени за средбата во Женева следниот месец, Псаки рече дека се уште не ги разјасниле деталите за местото и времето на разговорите.

Што се однесува до понудите што Русија им ги даде на САД и земјите од НАТО, Псаки рече:
„Работиме на дипломатски преговори. Можеме да се согласиме со некои од предлозите дадени од Русија, но не можеме да прифатиме некои од нив”.

Таа ги отфрли тврдењата на Путин дека САД и нивните партнери ги зголемуваат тензиите на украинската граница.

„Единствената агресија што ја гледаме на руско-украинската граница е руското трупање војници во регионот и воинствената реторика на рускиот лидер”.