Белград и Приштина да се вратат на преговарачката маса, Србија да ја усогласи надворешната политика со ЕУ

4

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, денеска од Белград порача дека не постои судир меѓу ЕУ и САД, околу нивните паралелни обиди, Србија и Косово да се вратат на преговарачка маса и да ги нормализираат меѓусебните односи.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, потенцираше дека Брисел не е во натпревар, туку соработува со Вашингтон. Тој предупреди и дека Србија ќе мора да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ, доколку сака да стане членка на европското семејство. Иако има европски амбиции, Србија одби да воведе санкции против Москва заради кризата во Украина и ги засили своите воени и политички врски со официјален Кремљ.