Берлин: Барањето за апсење на лидерите на Израел и Хамас дава лажна слика за еквивалентност

2

Германија оцени дека барањата на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас под сомнение дека извршиле воени злосторства даваат „лажен впечаток на еквивалентност“.

„Истовременото поднесување налог за апсење на лидерот на Хамас од една страна и двајца израелски функционери од друга страна даде лажен впечаток на еквивалентност“, се вели во соопштението на портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, потсетувајќи дека на 7 октомври „Хамас изврши варварски масакр“ во заедниците на југот на Израел.

„Хамас продолжува да држи израелски заложници во неописливи услови, го напаѓа Израел со ракети и го користи цивилното население во Газа како жив штит. Израелската влада има право и должност да го штити и брани својот народ“, се наведува во соопштението и се оценува дека во овој контекст „јасно е дека се применува меѓународното хуманитарно право“.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, претходно денеска изјави дека се поднесени налози за апсење против Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант под обвинение за „предизвикување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и одбивање хуманитарна помош и намерно таргетирање цивили во конфликтот“.

Освен тоа, денеска судот побара апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије.

Тројцата се обвинети за „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад“.