Бесими за РСЕ: Ќе промовираме диверзитет по примерот на светски фирми како Гугл

13

Во економијата квалитетот ќе биде пред сè, тој ќе биде детерминирачки, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа. Тој вели дека Владата ќе промовира диверзитет при вработување во бизнис секторот, како што тоа се прави во светски фирми и меѓународни институции.

На прашањето за најавените субвенции за етнички вработувања тој вели дека во програмата има таква формулација што ќе го охрабри приватниот сектор со цел поддршка и промовирање на добри меѓуетнички односи и толеранција.

„Одма да разграничам тоа што е важно, оти гледам дека во јавноста се создадоа доста активности во однос на оваа тема, значи во економијата, тоа не само кај нас, туку и во целиот свет, квалитетот ќе биде пред сè, тој ќе биде детерминирачки, а ние веруваме, јас лично верувам дека граѓаните независно од нивната етничка припадност имаат свои квалитети како личности и професионалци“,

вели Бесими.
Според него, идејата на ова е да бидат вредности како што постојат во Европска унија, односно диверзитетот да биде една од вредностите.

„Како што има во светските глобални компании, како што денес еден Гугл во кој главен извршен директор е од Индија, така и тука диверзитетот ќе биде само позитивна вредност во нашата економија и тоа да произлезе и од потребите на пазарот. И мислам дека и во соработка со бизнис заедницата тоа може да биде само еден нормален процес согласно квалитетот и пазарните принципи, а со оглед на тоа владата со поддршка за промоција на диверзитетот, кои се вредности во Европска унија, за која ние имаме цел да станеме дел од тоа“,

вели Бесими.