Бил Гејтс се откажува од своето богатство, ќе испадне од листата на најбогати луѓе во светот

0

Ко-основачот на Мајкрософт Бил Гејтс најави дека ќе се откаже од своето огромно богатство и дека на крајот ќе испадне од листата на најбогати луѓе во светот, пренесува Би-би-си.

Тој претходно најави дека ќе донира 20 милијарди долари на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, велејќи дека има „обврска“ да го врати своето богатство во општеството.

Гејтс претходно изјави дека сите пари ќе ги донира во добротворни цели, но сепак заработувал огромна сума пари, па неговото богатство само растело. Според „Форбс“, тој моментално „тежи“ 118 милијарди долари и е четвртиот најбогат човек во светот.

Инаку, тој денеска најави дека фондацијата годинава ќе има на располагање шест милијарди долари, а во 2026 година ќе може да потроши девет милијарди за да помогне во борбата против пандемијата, климатските промени и кризата во Украина.

– Мојот план е во иднина речиси сите пари што ги имам да ги префрлам на фондацијата и евентуално повеќе да не бидам на листата на најбогати луѓе. Моја обврска е да ги вратам средствата во општеството со цел да се намалат маките на луѓето и да се подобрат условите за живот – изјави Гејтс, кој од основањето на својата фондација донирал 39 милијарди долари.