Боки и Катица до средината на март имаат уште 18 рочишта за „Рекет“

13

Обвинетите во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, во период од месец и половина, односно од наредната недела па сè до средината на март, треба да се појават во судница на 18 рочишта.

Термините на крајот на денешното рочиште ги закажа судијката Васка Николовска-Масевска. Така, наредната недела има две рочишта, на 6 и 7 февруари. Во неделата после таа, рочишта се закажани за четири од вкупно петте дена, односно слободен е само 12 февруари.

Понатаму, до крајот на февруари, односно во последните две недели од месецот треба да се одржат уште шест рочишта.

По 12-те рочишта во февруари, Николовска-Масевска закажа уште шест термини за март, во периодот од 3 до 13 тој месец.

Судскиот случај „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка. Досега се сослушаа сите сведоци предложени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, па на вчерашното и денешното рочиште се изведуваа материјалните докази против Јовановски и Јанева.

Присутните во судницата можеа да ги видат запленетите работи од претресите во нивните домови и канцеларии, меѓу кои најмногубројна е облеката на Боки спакувана во 71 вреќа.

Меѓу материјалните докази се и снимките направени од Орце Камчев, кои беа објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“. Тие требаше да се пуштат во судница денеска, но поради технички проблеми нивното гледање се одложи за на 6 февруари. На листата докази што треба да бидат изведени се и прислушувани разговори од ПИ-мерки, како и извештаи од вештачењата на мобилните и лаптопите.