Боки 13 во судница ќе презентира фотографии од неговата гардероба

4

На денешното рочиште за “Рекет” адвокатот Сашо Дуковски, најави дека ќе презентираат фотографии од гардероба на Бојан Јовановски за да докажат дека поголемиот дел е купена пред 2019 година. Обвинителката Вилма Русковска пак на Јовановски му заплени седум вреќи со брендирана гардероба, за која тврди дека ја купил со пари од рекетот.

На денешното рочиште обвинетата Катица Јанева треба да предложи сведоци.

Како што дознава „Фокус“, од доброупатени извори, на листата на сведоци на Јанева се ставени седум обвинители од веќе згаснатото СЈО. За тројца ќе биде предложено да сведочат зад затворени врати, односно со исклучување на јавноста, а четворица ќе сведочат јавно.

Во судница, како сведоци предложени од обвинителката Вилма Русковска, веќе сведочеа тројца обвинители од тимот на Јанева. Односно обвинителите Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми. Остануваат обвинителите Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Трајче Пеливанов, Ленче Ристоска, Стевче Донев и Артан Ајро, кои најверојатно се на листата на Јанева.

Како што неофицијално дознаваме, дел од обвинителите не се расположени за сведочење, но сепак ќе се јават на поканата.

Исто така зад затворени врати Јанева ќе презентира и дел од материјалните докази, поврзани со истрагата за случајот „Империја“, а во кој предмет адвокатите Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска побарале да извршат увид.

Катица Јанева во “Рекет” е обвинета за кривичното дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, а Бојан Јовановски за “Примање награда за противзаконито влијание” и “Перење пари”.