Болничките капацитети се исполнуваат, пациенти со ковид-19 има и во модуларната болница

33

Во болничките капацитети се сместени вкупно 478 пациенти со потврден ковид-19, а уште три лица кои се хоспитализирани во болницата во Козле се водат како суспектни на вирусот.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје хоспитализирани се 108 лица, од кои 80 се на кислородна поддршка. На Инфективна нема пациенти на респиратор, но има петмина во ГОБ „8 Септември“ каде од коронавирусот се лекуваат 47 пациенти.

Во болницата во Битола се 52, а во болницата во Штип 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци, пак, се хоспитализирани 214, позитивни и сомнителни на ковид-19.

Во моментов во болницата во Козле хоспитализирани се три деца и четири мајки позитивни на ковид-19, а уште едно дете и две мајки се суспектни на вирусот.

Вчера беше забележан и рекорден број на заразени, дури 641 од 2 688 тестирања. Починаа 12 лица, а беа регистрирани и 233 оздравени пациенти.

Пациенти се сместуваат и во модуларната болница која е наместена до Инфективната клиника, а како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, ако се исполнат и предвидените болнички резервни капацитети, ќе следи полициски час.

„Ако оцениме дека овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва, а се исполнуваат тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“,

изјави Филипче.
Тој апелираше до пратениците што поскоро да се изгласаат измените во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се овозможи воведување нови мерки за заштита од ковид-19.