Борел за барањето за апсење на Нетанјаху: Државите се обврзани да ги спроведуваат одлуките на судот

3

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел во врска со повикот на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на лидерите на Израел и Хамас, рече дека сите држави што ги ратификувале статутите на МКС се должни да ги спроведуваат неговите одлуки.

– Мандатот на МКС, како независна меѓународна институција, е да ги процесуира најтешките злосторства според меѓународното право, напиша Борел на Х.

МКС вчера побара да се издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување истребување, предизвикување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање цивили во конфликт“.

Се бараат и налози за апсење на водачите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.