Борел: Колективно да се спротивставиме на расната дискриминација

8

На многу места, расната дискриминација продолжува да ги нагризува темелите на мирот и безбедноста, поттикнувајќи конфликти, нееднаквост и неправда, наведува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во пораката по повод 21 март – Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација.

– Секој член на општеството има корист кога расизмот ќе се искорени. Затоа на овој ден, да ја обновиме нашата колективна определба да се спротивставиме на расната дискриминација во сите нејзини форми, наведува Борел.

Според него, расната дискриминација не само што им нанесува голема штета на одделни жртви, туку и ја поткопува самата структура на мирните и демократски општества.

– Во година кога повеќе од две милијарди лица треба да излезат на гласање, останува особено важно да се реши расната дискриминација во контекст на изборите. Потребни се сеопфатни напори за заштита на избирачките права, зајакнување на различноста во политичкото претставување и борбата против говорот на омраза во кампањите, потенцира Борел.

Високиот претставник на ЕУ додава дека во остварувањето на овие цели секој треба да почне со работа на домашен терен.

– Додека Европската Унија недвосмислено забранува дискриминација врз основа на расно или етничко потекло, неодамнешните извештаи од Агенцијата за основни права на ЕУ откриваат вознемирувачки нивоа на таква дискриминација во нашите општества. Акцискиот план на ЕУ против расизмот 2020-2025 повикува на засилено спроведување на европското право и конкретни мерки дефинирани во националните акциски планови. Координаторот на ЕУ за антирасизам останува суштински за оваа заедничка работа, заедно со целосното и значајно учество на граѓанското општество, вели Борел во пораката.

Според него, потребна е заедничка акција со цел законските норми да се претворат во реалност, а особено за да се обезбеди целосна имплементација на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација.

– Ширум светот, делегации на ЕУ служат како наши застапници на терен и активно придонесуваат во напорите насочени кон реализација на оваа обврска, додава Борел.

Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација е воспоставен во знак на сеќавање на жртвите на масакрот во јужноафриканскиот град Шарпвил на 21 март 1960 година, кога полицијата отвори оган врз учесници на протест против апартхејдот во Јужна Африка, при што беа убиени 69 лица, а 180 беа ранети.

– Додека овој трагичен настан означи пресвртница и на крајот доведе до транзицијата кон демократија и еднаквост во Јужна Африка, борбата против расизмот продолжува до ден денешен насекаде, потенцира Борел во пораката по повод Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација.