Борисов на гости кај Трамп

8

Бугарскиот премиер Бојко Борисов е во официјална посета на САД, каде денеска ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

Во Белата куќа тие ќе разговараат за стретешките односи меѓу двете земји и развојот на билатералните односи. Според најавите, акцент ќе биде ставен на начините за зајакнување на напорите во областа на безбедноста, во контекст на НАТО и ангажманот на официјална Софија за зголемување на буџетот за одбраната.

Исто така, според БГНЕС, се очекува Борисов и Трамп да разговараат за енергетската диверзификација, изградбата на „Турски поток”, како и терминал за добивање американски течен гас. На средбата ќе стане збор и за влијанието на Русија во Бугарија, а се очекува американскиот претседател да ја наметне и темата – корупција.

Посетата на бугарскиот премиер е прва средба меѓу него и Трамп во четири очи. Фактот дека Трамп го кани Борисов во Белата куќа, а не бугарскиот претседател Румен Радев, покажува дека САД сакаат да ги истакнат своите очекувања за Бугарија за конкретни прашања, вклучително и каде земјата се позиционира во новиот европски поредок, а особено односите ЕУ-САД “, ја пренесува БГНЕС оценката на бугарски дипломатски извори.

Во бугарската делегација, предводена од Борисов, се и вицепремиерот Томислав Дончев, вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, министерот за финансии Владислав Горанов и министерот за економија Емил Караниколов.

Средбата на американскиот претседател со бугарскиот премиер е дел од серијата разговори со лидерите од централна Европа, а досега Трамп имаше средба со колегите од Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија и Романија.