Бразилската економија паѓа, 8 милиони луѓе загубија работа поради пандемијата

15

Најмалку осум милиони луѓе ги загубија своите работни места во Бразил поради пандемијата на коронавирусот, се вели во најновата државна статистика објавена вчера.

Бразилскиот Институт за географија и статистика (ИГБЕ) го објави својот квартален извештај во кој се вели дека досега 7,8 милиони луѓе ги загубиле своите работни места, пренесува Си-ен-ен.

Според овие податоци, на крајот на мај во Бразил работеле 49,5 проценти од луѓето, а ова е првпат откако се спроведуваат истражувања од 2012 година бројот на вработени да опадне под 50 проценти.

„Ова значи дека помалку од половина од работоспособното население е вработено“, рече Адријана Берингај, аналитичарка од ИГБЕ. Патем, законската возрасна граница за вработување во Бразил е 14 години. Вкупниот број на работоспособно население во Бразил е 85,9 милиони луѓе.

Економистите предвидуваат дека економската рецесија што следуваше по пандемијата на коронавирусот ќе добие историски размери.

Покрај тоа, бројот на заразени во Бразил продолжува рапидно да расте. Досега во земјата се пријавени повеќе од 1,3 милиони инфекции, со што Бразил е земјата со најмногу случаи по Соединетите Држави.