Братот на Мартин, Горан доаѓа во Грција, потрагата по младиот човек се уште е неуспешна

0

Братот на Мартин, Горан, побара од волонтерите за спасување да се подготват за голема операција бидејќи тој ќе направи се што е потребно за да го лоцира неговиот брат

Братот на Мартин Јовановски (31) кој исчезна пред шест дена кога заедно со двајца негови другари го однесоа морските струи на плажата во Посиди на Халкидики, утре наутро од Америка ќе дојде во Грција.

Горан Јовановски во петок наутро со авион од САД ќе пристигне на аеродромот „Македонија“, каде што ќе го преземе првиот човек на ОФКАТХ, Христос Рамос, а оттаму ќе замине за Халкидики.

Рамос рече дека братот на Мартин побарал од нив да се подготват за голема операција бидејќи тој ќе направи се што е потребно за да го лоцира неговиот брат.

– Неговиот брат ми рече дека ќе ги помести земјата и небото за да го најде својот брат, ќе мобилизира се што е потребно. Ни рече да бидеме спремни на се – ги пренесе Рамос за грчките медиуми зборовите на братот на исчезнатиот млад човек.

Како што истакна Рамос, Горан рекол дека „ќе направи се и по секоја цена да го најде својот брат“.

Горан вчера објави и фотографија од неговиот брат, која е направена на плажа во Грција пред да исчезне во морето.

Рамос зборуваше и за тоа како се чувствува мајката на Мартин, која пред неколку дена дојде во Грција.

-Се надеваме дека доаѓањето на нејзиниот втор син малку ќе ја смири. Таа е жена која е сама во село и не го ни зборува локалниот јазик. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија си заминаа и таа е сосема сама, само со нас – изјави првиот човек на организацијата на спасувачи волонтери.

Пријателот на Мартин, Иван, кој беше спасен по повеќе од 20 часа во вода, веќе апелираше за финансиска помош откако отвори сметка за донации за поддршка на потрагата по 31-годишниот маж.

Во потрагата ќе учествуваат повеќе пловни објекти на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и копнено возило и локални доброволци од населението.