Брегу: За седум години во ЕУ емигрирала четвртина од населението од Западен Балкан

15

„Европа и Западен Балкан демографски често се менуваат во смисла на земји од каде се тргнува и која е крајното одредиште, со оглед на фактот дека само во 2018 година речиси 230 илјади граѓани законски мигрирале во Европската унија, а во последните седум години мигрирале повеќе од 5 милиони граѓани од Балканот или една четвртина од реалниот број на населението“ – изјави денеска Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу.

„Овие бројки се уште поголеми кога станува збор за младите. Иако 61 отсто од младите ја поддржуваат интеграцијата на регионот во ЕУ, тие не го губат времето. Со оглед дека 35 отсто од младите на Западен Балкан се невработени, 62 отсто сакаат да одат и да работат во странство“, изјави Брегу повикувајќи се на податоците на „Балканскиот барометар“ за 2019 година.

„Тоа се алармантни бројки, но зборуваат за, де факто, демографската европеизација на населението во регионот“, рече Брегу на панелот на високо ниво, во рамките на годишниот изборен конгрес на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува во Загреб, Хрватска.

Брегу додаде дека таа лично и РСС веруваат дека негативните трендови може да се променат. Иако регионалната соработка има смисла само ако крајната цел е интеграција со ЕУ, треба да се продолжи со поврзувањето на пазарот и на луѓето, унапредување на образовните системи, вклучување на младите во процесите на носење одлуки и зацврстување на положбата на жените и конечно отстранување на сите бариери во регионот. „Само така ќе им овозможиме на граѓаните да останат, а на оние што заминале да поскааат да се вратат, бидејќи што е една земја ако во нејзе не останат луѓето“, рече Брегу.

Регионалниот совет за соработка е организација која извршува оперативни задачи на поврзување на регионот во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а во соработка со Европската унија