Британија погодена од бурата Кјара, откажани возовите, летовите, траектите (ФОТО+ВИДЕО)

2

Низ цела Велика Британија денеска се откажани возовите, летовите и фериботите и беа издадени предупредувања поради невреме со ветрови со сила на ураган до 130 километри на час.

Најмалку 10 железнички компании во Британија издадоа предупредувања да не се патува, а уште речиси 20 најавија одложувања бидејќи се очекува силниот ветер денес да ги оштети електричните далноводи и да ги блокира железничките линии поради скршени гранки и други предмети.

Лондонскиот аеродром Хитроу и неколку авиокомпании денес решија да спојат повеќе летови за да го намалат бројот на откажувања поради силниот ветер. Бритиш ервејс им нуди на своите патници промени на домашните и на европските летови од Хитроу, Гетвик и Лондон Сити. И компанијата Вирџинија ерлајнс откажа некои летови.

Невремето Кјара, на кое името му го даде британската национална метеоролошка агенција, носи и силен дожд, па агенцијата издаде 22 предупредувања за поплави и ја зголеми претпазливоста за 149 места.

На мостот Ханбер близу местото Хал во северна Англија ограничен е сообраќајот поради силниот ветер, забранет е премин на високи камиони и приколки.

Поради високите бранови во Ирско Море, неколку траектни компании откажаа повеќе заминувања. Во Лондон е откажана и трката на 10 километри во која требаше да учествуваат 25.000 тркачи.