Британката која како итен случај беше примена на клиниката во Приштина нема коронавирус

9

Лицето кое вчера вечерта беше примено на клиниката во Приштина под сомнение дека е заразено со коронавирус, го нема овој вид на вирус, потврдиле тестовите, пренесува српски „Телеграф“, повикувајќи се на информации од „Коха“.

Институтот за јавно здравје во Приштина одржа вонредна прес-конференција, каде беше соопштено дека хоспитализираниот пациент е негативен на тестовите за вирусот.

„Околу 17 часот, од Клиниката за инфективни болести добивме информација дека пациент со британско државјанство е донесен од ургентниот центар во Гњилане. Пациентката била вработена на Косово и Метохија, а пред неколку дена престојувала во ски-центар на Монблан во Франција“, се вели во соопштението за медиумите.

„Тимот во лабораторијата спроведе тестови за коронавирус и на сите три теста добивме негативен резултат, што значи дека пациентот не е заразен со овој вирус и од инфлуенца од типот А и тип Б“, се додава во извештајот.

Косовските медиуми пренесоа дека станува збор за жена, странка државјанка, која работи на Косово. Како што на прес-конференција соопшти косовскиот министер за здравство Арбен Вити, таа во ски-центарот престојувала со уште пет други лица.

Инаку, светските медиуми претходно пренесоа информација дека петмина Британци се заразени од коронавирус во француски ски-центар.

„Имала лесна кашлица, но без присуство на треска или други симптоми, па решила да ги предупреди надлежните и да дојде на Клиниката за инфективни болести“, рече Вити.