Британскиот министер за здравство: Вакцината на „Астразенека“ е безбедна

10

Откако неколку земји привремено ја прекинаа вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“ и Универзитетот Оксфорд се огласи и британскиот министер за здравство, Мет Хенкок. Тој за Би-Би-Си изјави дека британската вакцина е апсолутно безбедна.

Хенкок апелираше луѓето да ги слушаат надлежните регулаторни тела и да се вакцинираат веднаш штом се појави можност.

„Знаеме дека вакцината ‘Оксфорд-Астразенека’ спасува животи во Велика Британија. Значи, ако добиете повик, одговорете и дојдете на вакцинација“, рече Хенкок.

Тој потсети на соопштението на британското регулаторно тело за лекови во кое се наведува дека не е докажана врската помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта.

Од „Астразенека“ претходно соопштија дека во земјите низ ЕУ и во Велика Британија вакцината досега ја примиле околу 17.000 000 луѓе, а од таа бројка само 40 пријавиле проблем со згрутчување на крвта.

Британскиот министер за здравство, со цел да ги убеди луѓето да се вакцинираат, потсети дека СЗО, британското регулаторно тело, како и Европската агенција за лекови, соопштија дека стојат зад таа вакцина, за која сметаат дека е безбедна.