Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше тематски брифинг со шефовите на дипломатските мисии акредитирани во Северна Македонија за третoто издание на Преспа форумот за дијалог (ПФД), насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не) возможна мисија?”, што ќе се одржи, под покровителство на претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на 15 и 16 јуни годинава, во Струга.
-Форумот, што ќе се одржи за време на војна на европскиот континент, прераснува во наш бренд, што е доказ дека настојуваме и како држава и како регион, да дадеме придонес во унапредувањето на дијалогот, заемната доверба и соработката коишто се клучни елементи во меѓународните односи и претставуваат камен темелник за мирот и долготрајната безбедност, рече Османи.
Како што соопшти МНР, осврнувајќи се на централната тема на овогодинешниот ПФД, министерот Османи предочи дека таа претставува поттик кон дискусии за обезбедување на иднината на регионот во европските и евроатлантските структури, фокусирајќи се на проширувањето на ЕУ во предвидлива временска рамка.
-Насловот е провокативен и очекуваме плодна и енергична дебата, особено затоа што сите сме сведоци на драматично намалување на јавната поддршка за процесот на интеграција во ЕУ низ целиот Западен Балкан. Наше е да го вратиме тој надолен тренд и заеднички да бараме конкретни решенија насочени кон забрзана интеграција на регионот во ЕУ, истовремено фокусирајќи се на неговиот економски развој и опипливи придобивки за нашите граѓани. Ова е она што сакам да го наречам повеќе интеграција пред членството во ЕУ, рече Османи.
Амбасадорот Јован Теговски, претседавач со Работната група за ПФД во рамки на Министерството, брифираше подетално околу организациско-логистичките аспекти и содржинските аспекти, при што информираше дека на ПФД2023 се предвидуваат сесии на високо ниво, бројни тематски сесии, младински панели, а на маргини на Форумот и одржување на средба на неформалната наша иницијатива на министри за надворешни работи на Б6 и состанок поврзан со нашето претседавање со регионалната иницијатива САД-Јадранска повелба (А5).
Дискусиите на овогодинешниот ПФД ќе се осврнат на следните теми: Петгодишнината од Преспанскиот договор, мирот и демократијата, регионалната соработка, политичко-безбедносните предизвици во регионот, дијалогот и помирувањето, процесот на проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан, француско-германската иницијатива за реформи на ЕУ, миграциите, борбата против корупцијата, странските малигни влијанија, меѓународните финансии со аспект на меѓународните рестриктивни мерки, дигитализацијата.
Османи го најави и промотивниот настан под наслов „Патот кон 2030“, што ќе се одржи во Скопје, на 8 мај со панел дискусија со претставници на младински организации и панел дискусија со претставници на граѓанското општество и тинк-тенкови од Балканот и пошироко коишто активно ја следат политиката на проширување на Европската Унија.