Брнабиќ за германски „Фокус“: Во време на пандемија важно е спасувањето животи, а не геополитиката

36

Српската премиерка вели дека Србија во ниту еден момент не го исполитизирала прашањето на вакцинација против коронавирусот затоа што, како што вели, станува збор за животот на граѓаните, а не за геополитика
Главната причина за нашиот успех е што имавме можност да набавиме вакцини од целиот свет, вели премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во интервју за германскиот магазин „Фокус“.

Во врска со тоа како Србија успеа да вакцинира поголем процент од населението од која било друга земја на ЕУ, Брнабиќ вели дека во ниту еден момент вакцините не биле политизирани ниту земјата на потекло играла некаква улога, доколку вакцината била безбедна.

„Тој баланс и добрите партнерства се покажаа како корисни во овие времиња. Тие ни дадоа можност да набавиме вакцини од Западот, како и од нашите пријатели во Кина и Русија“, рече таа.

Брнабиќ потсети дека Србија прво склучила договор со „Фајзер/Бионтек“ и ја добила првата испорака од нив, но таа истакна дека Русија и Кина, покрај ЕУ, се огромна поддршка за Србија.

„Во време на пандемија се работи за спасување животи, а не за геополитика. Ако вакцините се достапни и можеме да ги набавиме, тогаш наша обврска е да го сториме тоа во интерес на нашите граѓани“,

рече таа.
На прашање, дали е геополитика тоа што Србија го вакцинира населението со српско потекло во Косово, Брнабиќ рече дека косовските Срби не се виновни што се наоѓаат на „погрешна страна на граничниот спор предизвикан од Приштина“.

„Нема да ги казниме за тоа. Покрај тоа, привремените институции во Приштина планираа да започнат со вакцинирање во февруари и ние сме решени да не седиме со скрстени раце и да гледаме како приштинската геополитика нѐ спречува да вакцинираме луѓе од градови со претежно српско население или како ги става на дното на листата. Ние нема да го преземеме тој ризик“, рече таа.

Брнабиќ ја нарече дигитализацијата „клучен фактор“ за време на вакцинацијата и вели дека системот застанал на нозе за само неколку дена.

„Преку тој систем, луѓето можат брзо да аплицираат за вакцинација. Системот потоа ги известува граѓаните преку порака на телефон или е-пошта каде и кога ќе ја примат вакцината. Сè е дигитално, без хартија и пенкало“, вели Брнабиќ во интервјуто за германскиот магазин „Фокус“.