Бугарија, Македонија и Црна Гора го затворија небото: Лавров заради тоа ја откажа посетата на Србија

0

Руското Министерство за надворешни работи го обвини Западот за откажување на посетата на Сергеј Лавров на Белград.

Русија го обвини Западот за тоа што министерот за надворешни работи Сергеј Лавров мораше да ја откаже посетата на Србија, бидејќи земјите околу неа го затворија воздушниот простор за руските авиони.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, потегот го нарече „уште еден затворен канал за комуникација” во коментарите пренесени од руските новински агенции.

Лавров требаше да разговара со претседателот Александар Вучиќ денеска и утре во Белград, но Бугарија, Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за авионoт во кој се наоѓаше првиот дипломат на Москва.

Руската инвазија на Украина веќе предизвика затворање на воздушниот простор низ ЕУ, пренесува Гардијан.

– Нашата дипломатија сè уште не ја совладала способноста за телепортација – изјави вчера висок извор во Министерството за надворешни работи за руската новинска агенција Интерфакс.

Да потсетиме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, деновиве зборуваше за тоа дека посетата на Сергеј Лавров била планирана и дека сите средби биле закажани, но дека наишол на голем број технички потешкотии. Премиерката Ана Брнабиќ исто така рече дека ситуацијата станала покомплицирана.

По тој повод, Вучиќ за денеска во 10 часот во зградата на Претседателството закажа средба со амбасадорот на Русија, Александар Боцан-Карченко, а обраќањето на претседателот се очекува вечерва во дневниот весник РТС во 19.30 часот.