Буркина Фасо: Најмалку 15 убиени во напад на исламистите врз католичка црква

3

Најмалку 15 лица загинаа, а уште двајца се повредени во вчерашниот напад врз католичка црква во североисточниот дел на Буркина Фасо, јавува Би-Би-Си.

Нападот се случил за време на неделната црковна служба во селото Есакане, во провинцијата Удалан, во близина на границата со Мали.

Прислужник во црквата посочил дека напаѓачите биле исламистички милитанти.

Властите во Уагадугу, главниот град на оваа западноафриканска земја, веднаш не излегоа со реакција на нападот.

Викарот на локалната епархија Жан-Пјер Савадого наведе дека 12 лица загинале на лице место, додека тројца починале во болница во најновото злосторство на исламистичките милитанти во земјата.

Повеќе од една третина од територијата на Буркина Фасо во моментов е под контрола на бунтовниците.

Властите се борат со исламистичките групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава, кои зазедоа големи делови од земјата и раселеа милиони луѓе во регионот Сахел, а најчеста цел на милитантите во последните три години беа црквите.