Бујар Османи: Средбата Заев Ахмети беше надежна, Еленовски нема да биде премиер

52

Апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер.

Ова го изјави вицепремиерот во заминување од ДУИ, и портпарол на партијата, Бујар Османи, во своето гостување во вестите на Сител.

„Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да и наштетат на ДУИ и да му наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно, граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните и на државата“, рече Османи. Тој апеираше јавноста да ги почека офицјалните информации од партиите.

Според него, ДУИ првично разговарала со нејзините „сегашни партнери со кои бевме три години во коалиција“, но не ја исклучуваат ниту опцијата на разговори со сите политички партии.

„Сметаме дека е здраво да се разговара со сите со цел да се разгледаат ставовите на сите политички партии, за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите. Претседателот Али Ахмети го води овој процес и не ги исклучува сите политички партии во разговорите“, нагласи Бујар Османи.

А за ТВ 21 тој потврди дека денеска стартувале официјални преговори меѓу лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на СДСМ, Зоран Заев. Средбата, според него, била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка за таков епилог. За време на денешниот состанок најмногу се разговарало за враќање на изгубената доверба за време на изборната кампања. За шансите да се договорат за премиер Албанец, Османи вели дека ќе треба да се почека и дека не е коректно доколку ги објават сите позиции.