Вакцинирање без термин од денес и во малата сала во „Борис Трајковски“

7

Од денеска, за ковид вакцинација е отворена малата сала во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје, и секој може да се вакцинира без да закаже термин, вели Министерството за здравство. Вакцинацијата и ревакцинацијата продолжува да се одвива и во останатите поликлиники во Скопје, како и низ другите вакцинални пунктови низ државата.

Досега, заклучно со завчера, вакцинирани се вкупно 685.775 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 10.688 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.554 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.193.218 дози вакцини, а ревакцинирани се 507.443 граѓани.

Министерството вчера предупреди дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста и апелираше до младите лица да се вакцинираат.

Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, со „Фајзер“, со закажан термин.

„Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход“, апелира Министерството.