Варошлија: Боки 13 го бараа светски модни куќи и му подаруваа брендирана облека

12

Со сведоци на одбраната предложени од Бојан Јовановски продолжи денешното рочиште за случајот „Рекет“. По сведочењето на оптичарката, на пултот за сведоци на прашања одговараа и сопственик на галерија, а по него и стилистот и пријател на обвинетиот Јовановски, Сергеј Варошлија.

Исто како и сопственичката на оптиката која сведочеше дека му подарувала очила на Јовановски и сведокот Алек Кртов пред судот тврдеше дека уметничките слики кои биле во домот на Боки 13 во населбата Орман му ги дал без да плати, бидејќи бил позната скопска ѕвезда кај која доаѓале многу познати. Сопственикот на галеријата сведочеше дека на Бојан му дал осум уметнички дела кои не биле обични слики, туку биле скапи, за предавањето договор немале, туку имале реверс, а ваков вид на документ, сведокот појасни дека склучувал и со стотици други соработници.

„Бојан имаше добар стан, од кај мене нарачуваше рамки за огледала, а кај него доаѓаа и многу познати лица. Тој го уредуваше станот, му однесов осум уметнички слики, сум му ги дал и кога било можев да ги побарам назад. Овие дела не беа купени, туку стоеја во неговиот стан“, сведочеше Кртов.

Тој пред судот појасни дека, бидејќи овие уметнички дела имале висока цена се обидувал да се промовира и сметал дека Јовановски кој бил познат, бил добра прилика за тоа. На ваков начин соработка имал и со сопственици на хотели каде исто така давал од своите слики.

По него на пултот за сведоци застана стилистот Сергеј Варошлија. Тој пред судот рече дека повеќе од 15 години го познава Боки 13, прво како лице од ТВ екраните, а потоа и како соработници и пријатели. Со него соработувал во многу фото сесии и рече дека светски модни куќи му подарувале парчиња облека, бидејќи барале лица кои не биле досадни туку биле различни, а Бојан бил токму таков. Варошлија појасни дека баба му на Јовановски, Евгенија, му оставила материјални добра за финансиски да го обезбеди, но, како што рече, бидејќи се работело за лични и семејни работи, не откри за што станува збор.

„Работам како стилист, шминкер и фризер и соработував со Јовановски. тој во 2012 година се врати од Белград и тогаш стана некако модно освестен и среќаваше луѓе од модниот бизнис. Соработуваше со ‘Версаче‘ и други познати модни куќи кои го бараа бидејќи сакаа луѓе кои се различни, кои не се досадни, а Бојан беше токму таков, беше сѐ само не досаден лик. Често му подаруваа и облека. Соработувавме и професионално кога јас се вработив во 1ТВ и бев заштитно лице на телевизијата. Правниот сектор го водеше Лазар Јанев, Ана Камчева ми беше клиентка, а Зоран Милевски го знам прво од град, а потоа и откако дојде во 1ТВ и почна приватно да се дружи со нас“, сведочеше Варошлија.

Пред судот стилистот тврдеше дека со Јовановски оделе и на вечери и на ручеци, а во една прилика заедно со нив биле и Камчева и Милевски. Оваа средба, како што појасни сведокот, била по повод роденденот на Милевски кој сакал да ги почести ручек во ресторан.

„Милевски и Камчева сум ги сретнал еднаш навечер кога дојдоа во 1ТВ некаде крајот на ноември или почетокот на декември 2018. Доаѓаа и дома кај Јовановски, сум ги сретнал едно утро кога во куќата на Бојан отидов да го потстрижам и офарбам и кога заминував на врата се сретнав со Милевски и Камчева. Беа облечени во темна гардероба, црна или тегет, а во рацете, колку што се сеќавам, не носена ништо односно никаква торба или куфер. Со нив се сретнав и на 5 јануари 2019 година, на роденденот на Милевски кој првично сакаше да го слави кај Орце дома, но бидејќи Бојан не сакаше да оди во неговата куќа, се договоривме таа средба да биде во ресторан“, рече пред судот Варошлија.

За поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, стилистот пред судот кажа дека не ја забележал во присуство на Јовановски, Милевски и Камчева. Варошлија пред судот се пожали дека на 15 јули 2019 година кога на грчката граница беше приведен Јовановски, му биле одземени парчиња брендирана гардероба. Заедно со него тогаш, освен Јовановски, биле и Лила Филиповска и Анета Кочишки, и сите заедно, како што појасни, планирале 7-дневен одмор на Миконос.

„Сите прво се сретнавме кај Бојан дома. Се спакувавме, а бидејќи бевме повеќе лица, моравме да се организираме со пакувањето и во еден куфер стававме обувки на сите, во друг облека итн. Кога стасавме на граница Бојан го приведоа, рекоа дека тој ќе остане, а ние може да си одиме. Службените лица мислеа дека се што е брендирано во куферите и во автомобилот му припаѓа на Јовановски, па заедно со неговите работи запленија и мои брендирани обувки и облека. Секој сам си го плати својот одмор“, сведочеше Варошлија.

Прашања на денешното рочиште тој доби од Јовановски, а и од обвинителката Вилма Русковска. Од Јовановски прашања се однесуваа на тоа на кој начин функционирала и работела 1ТВ, кој какво задолжение имал, како и околу спонзорите. Варошлија појасни дека спонзор во телевизијата била „Пелистерка“ и дека во оваа телевизија се имал налиено вода како камила. Обвинителката Русковска го праша дали знае дека за брендираните парчиња гардероба Обвинителството има фискални сметки кои се приложени како доказ во случајот „Рекет“. На ваквото нејзино прашање следеа жестоки реакции од Јовановски кпој го одбрани својот пријател и ѝ укажа на Русковска прво да не го малтретира сведокот, а второ да не се „дере“. По ова следеше реакција и од адвокатот Сашко Дуковски кој ѝ возврати на обвинителката исто така на висок тон. Кавгата ја прекина судијката Васка Николовска Масевска, која им укажа дека ако продолжат со истиот интензитет ќе бидат казнети и дека 22 рочишта по ред не можат да се договорат дека прво не треба да викаат во судница, а друго не треба да упаѓаат во збор додека некој друг зборува.

Следното прашање на обвинителката Русковска до стилистот Варошлија се однесуваше на Евгенија, бабата на Бојан Јовановски.

„Знаете ли дека лично ја познавам баба му Евгенија и мајката на Бојан Јовановски и дека сум одела кај нив дома?“, праша Русковска.

На ова сведокот Варошлија одговори потврдно.

Судењето за „Рекет“ продолжува утре со нови двајца сведоци на одбраната.