Васко Ковачевски заминува од функцијата од лични причини, на негово место доаѓа Васко Стефанов

75

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски од лични причини поднел оставка од функцијата и на негово место на следната владина седница ќе биде назначен, Васко Стефанов.

Информацијата ја потврди премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на годишниот извештај на АД ЕСМ.

– Сакам лично да му се заблагодарам затоа што целото свое знаење и труд и време ги вложи во менаџирањето на компанијата во една исклучително тешка и деликатна ситуација која произлезе од енергетската криза, рече премиерот Ковачевски.

За одлуката на директорот на АД ЕСМ, премиерот рече дека разговарале уште во текот на минатата година и дека утрово усно, а утре и писмено, ќе биде доставена оставката која ќе биде констатирана на следната владина седница.

Ковачевски во јули 2019 година беше избран за претседател на Управниот одбор и за генерален директор на АД ЕСМ. На функцијата дојде од местото директор на РЕК „Битола“ каде што беше назначен во јануари 2018 година.

Ковачевски е дипломиран инженер по термоенергетика. Тој е поранешен советник во Советот на општина Битола во периодот од 2013 до 2014 година, како и пратеник во Собранието во два мандата  од 2014 до 2016 година и од 2016 до 2017 година.

Поради пензионирање од АД ЕСМ ќе замине и Добрила Стефанова, а на нејзно место за нов член на Управниот одбор и директор на финансии ќе биде назначена Марија Пејкова.