Велика Британија излезе од ЕУ, но ништо нема да се промени во следните 11 месеци

5

Велика Британија на полноќ и официјално излезе од Европската Унија, три и пол години откако го изгласа тоа на референдум. Премиерот Борис Џонсон го опиша брегзит како почеток на нова ера, ветувајќи вистинска национална обнова по 47 години членство во ЕУ.

Што ќе се промени за Велика Британија? За почеток, не многу.

Во претстојниот 11-месечен транзициски период, Велика Британија во голема мера ќе се придржува до европските правила. Вистинските големи промени ќе почнат дури по завршувањето на овој период.

Засега, Британија останува дел од заедничкиот европски пазар и од царинската унија, но таа нема да има право на глас во Европскиот парламент, ниту нејзините министри ќе учествуваат на важни состаноци. До крајот на годината, Британија ќе уплатува средства во буџетот на ЕУ и оттаму ќе добива пари за проекти.

Британските државјани веќе не се државјани на ЕУ, но тие и натаму ќе можат слободно да патуваат и работат во земјите од Унијата. Имиграциските правила за британските и европските државјани ќе се променат по 31 декември 2020. Лондон планира да воведе бодовен имиграциски систем, што ќе важи за сите држави.

Велика Британија отсега ќе може слободно да склучува трговски договори со други земји, вклучувајќи ги и САД и Австралија, што досега не ѝ беше дозволено. Во наредните 11 месеци, таа ќе води преговори за воспоставување нов однос со ЕУ и многумина во Брисел сметаат дека тоа не е доволно време.