Венеција поплавена: Градот погоден од највисоката плима во изминативе 50 години

10

Голем дел од Венеција е под вода, поради поројните дождови што ја предизвикаа и највисоката плима во изминативе 50 години. Според Центарот за мониторирање на плимата, водостојот се искачил до 187 цм. Записите покажуваат дека повисок водостој имало во 1966-та година, кога водата се искачила на 194 цм. Најпознатите туристички места во градот, и тесните улички се поплавени. Но, најпогоден е плоштадот Сан Марко, кој е најниската точка во градот, исто како и Базиликата, која е поплавена шести пат во својата историја од 1.200-те години.

Поплавите земаа и две жртви на осторовот Пелестрина, мал копнен дел кој ја одвојува лагуната на Венеција од Јадранското Море. Еден човек починал од струен удар додека се обидувал да ја активира пумпата во својот дом, а втората жртва е пронајдена удавена.

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бругнаро, најави дека ќе прогласи вонредна состојба за катастрофа и истакна дека „поплавата ќе остави траен белег“.

„Ситуацијата е драматична. Ја замоливме владата да ни помогне. Штетата ќе биде голема, се е ова поради климатските промени“, напиша тој на Твитер.

Луѓето низ градот се движат со помош на гумени чизми, обложени со кеси, а истите им се нудат и на туристите, кои продолжуваат со разгледот на градот. Од поплавата се погодени бројни бизниси, кафулиња, ресторани, столчиња и маси пловат по водата.

Венеција е често погодена од поројните дождови. Проектот за заштита од поплавите е направен уште во 2003-та, но истиот не може да се реализира поради големите трошоци, а го следат бројни скандали и одложувања. Според планот, треба да се изградат високи порти кои би го заштитиле градот од високата плима.

Италија цела недела е погодена од лошото време, кое според метеоролозите ќе потрае уште неколку дена.